16 Sept 2013

Липа - Tilia


Tilia
Липа (lat. Tilia) е големо дрво чие стебло достигнува височина до 25-30 метри, а возраст и до неколку стотици години. Постојат околу 30 врсти на липа. Во нашиот регион растат бела или сребрена липа (Tilia tomentosa), големолисна липа (Tilia grandifolia) и ситнолисна липа (Tilia parvifolia). Распространета е низ цела Европа, а расте по ридските листопадни шуми, а и се одгледува како украсно дрво во парковите и дрворедите. Бара земјиште заштитено од ветер со многу влага или малку дожд за време на цветањето . Липата започнува да цвета кон крајот на првата недела од мај и трае до почетокот на јули . Пријатниот мирис кој го шират овие прекрасни дрва е вистински дар од природата, за многумина голем проблем кога се во прашање алергиските реакции. Први цветаат хибриди на комплексни Tilia intermedia, а во почетокот на јули цвета јапонската црна липа (Tilia japonica). Толку долг период на цветање нема ниту еден род од шумските дрва, што е од големо значење, со оглед на тоа дека цветот на сите врсти на липа е медоносен. Има и неверојатна лековита моќ и наоѓа голема примена во лечењето по природен пат.

Tilia europaea
Во лечењето со липа покрај цветот, се користи и листот на липата, како и кората. Во цветот и во листот на липата, има витамин Ц. Ароматичен пијалок направен од цветот е природен лек да ве смири и релаксира кој се препорачува и за жените во менопауза, го зајакнува одбранбениот систем на телото, има корисен ефект врз кардиоваскуларниот систем и го намалува ризикот од срцев удар. Чајот од липа се користи при висока температура - грип или настина, за потење, и при бронхит ја смирува надразнетата слузница на дишните патишта - го разводнува густиот секрет во дишните патишта и на тој начин помага полесно да се искашла. Уште се користи за болки во желудникот и црева, болки во жолчката и црниот дроб, против дијареата а исто така има и благо смирувачко дејство за добар сон. Липата го спречува и опаѓањето на косата, но и ги залечува изгорениците и раните. Чајот од липа е драгоцен лек кој може да го користат и деца.. Се препорачува за секого, освен за лицата кои пијат лекови за срце, лекови за намалување на притисокот и лекови кои обично се земаат по преживеан мозочен удар. Липата го зголемува дејството на овие лекови, затоа пијте чај од липа откако ќе завршите со терапијата. Липата НЕ се препорачува на лица кои имаат болно срце. 

Садник од липа се добива од топчињата кои претставуваат плод, кој се појавува по цветањето на липата. Можен проблем со ртење може да биде двојно мирување, но топло ладна стратификација е добро решение. Првите две-три недели во влажна и топла средина (~ 20 ° C), а потоа и во студена и влажна, додека не се појават знаци на ртење чии периодот е најмногу од 5-6 месеци. Семето може да се собира и во фаза кога плодот почнува да ја менува бојата и веднаш да се насее, во периодот август-септември, во зависност од видот на липата.

Липа
Липата треба да се бере веднаш штом ќе почне да цвета, или пак пред да прецвета и пред да ја промени бојата, на убаво и суво време, наутро помеѓу 10 и 12 часот пред почетокот на топлото и јако сонце, така што нема да испари етеричното масло кое го содржи. Собраните цветови се сушат во лад на место каде што има провев, по можност на таван. Важно е да при процесот на сушење цветовите го задржат природниот мирис и боја. Како чајот така и медот од липа е многу ценет . Медот има светло жолта боја, со специфичен мирис и остар вкус, врз основа на кој многу лесно се препознава, и кристализира крупнозрнесто. 
Цветот од липа содржи танини, етерично масло, хетерозиди, шеќер, восок, манито, тартарат и др. Чајот од липа може да се користи и за правење на облоги, при иритација или алергиски воспаленија на кожата.

Чај од липа: 
2 лажички цветови од липа се преливаат со 
2 dl зовриена вода, 
се чека да отстои 15 минути со повремено мешање. 
Потоа се процедува и се пие засладен со мед и со лимонов сок.

Чајот од липа се пие и во комбинација на други чаеви, доколку знаете некои комбинации ве молам напишете!

No comments:

Post a Comment